Бесплатни уролошки прегледи – лекарите апелираат на рана превенција од рак на простата
Ноември е месец посветен на машкото здравје, со фокус на подигнување на свеста за значењето на редовните прегледи и навремената превенција. За таа цел, Специјализираната болница за геријатриска и палијативна медицина „13 Ноември“ денеска организира бесплатни уролошки прегледи.

Од 80 мажи кои минатата година дошле на превентивен преглед, кај тројца бил откриен рак на простата. Болеста е подмолна и една од најчестите малигни заболувања во светот. Токму затоа и годинава Геријатриската болница „13 Ноември“ организира бесплатни уролошки прегледи. Во месецот посветен на машкото здравје, лекарите апелираат дека раното откривање е клучно и дека превентивните прегледи треба да бидат редовни.
Не се изложени на ризик само мажите над 50 години – болеста може да ги погоди и помладите. Урологот Дарко Марковски ги советува и тинејџерите да го остават срамот настрана и веднаш да побараат лекарска помош доколку забележат какви било промени.
Оние кои дошле во амбулантата и ги направиле уролошките испитувања велат дека редовно ја следат својата здравствена состојба.
Бесплатните прегледи имаат цел да ја подигнат свеста за значењето на навремената превенција. Во рамки на акцијата се вршеа ехо-прегледи на уринарниот тракт и простатата, како и консултации со специјалист уролог.
Викторија Милевска
