Нападите не стивнуваат

21.11.2026 14:50

Руските напади врз Украина не стивнуваат, а воените тензии се прелеваат и во Европа. По падот на руски проектили и дрон на полска територија, НАТО и европските лидери испратија пораки...

Руските напади врз Украина продолжуваат, оставајќи нови жртви и разурнувања. Зеленски порача дека Киев нема да се откаже од окупираните територии и дека ќе одговори на руските напади, дипломатски или воено. Во меѓувреме, Полска ја обвини Русија за провокација, откако два руски проектила и дрон паднаа на нејзина територија, во близина на голема воена вежба на европските сојузници.

„Сè укажува дека станува збор за намерна провокација. Со сигурност знаеме дека објектите што паднаа на полска територија потекнуваат од Русија“, изјави Доналд Туск – премиер на Полска.

По инцидентот, генералниот секретар на НАТО пристигна во Варшава, каде што ја потврди целосната солидарност со Полска и најави дека Алијансата ќе ги преземе сите неопходни мерки. Трамп, пак, тврди дека руските објекти паднале по грешка.

„Ова беше опасен инцидент. Сите сојузници стојат во целосна солидарност со Полска. НАТО постојано ги проценува своите одбранбени капацитети и ќе ги преземе сите неопходни мерки“, изјави Марк Руте – генерален секретар на НАТО.

Поддршка за Полска изразија и од Брисел. Чешкиот претседател предупреди дека руските активности претставуваат закана за цела Европа.

„Сакам најостро да го осудам нарушувањето на полскиот воздушен простор“, изјави Урсула фон дер Лајен – претседателка на Европската комисија.

„Ова не е изолиран инцидент. Русија не бара брз мир во Украина, ниту нормализирање на односите со Европа. Мораме да имаме јасна и единствена европска позиција“, изјави Петр Павел – претседател на Чешка.

Естонија, пак, од 1 декември ќе ги затвори сите пет патни гранични премини со Русија во следните шест месеци.

„Непријателските активности на Русија воопшто не се намалуваат. Не треба наивно да веруваме дека Путин ги променил своите ставови“, изјави Кристен Михал – премиер на Естонија.

Паралелно, продолжуваат дипломатските напори. Москва подготвува посета на претставници на Велика Британија, Германија и Франција, додека Европа формира заеднички преговарачки тим. Русија, сепак, се противи на учеството на Каја Калас.

„Каја Калас зазема отворено антируски став и упатува нереални барања кон нашата земја“, изјави Марија Захарова – портпаролка на руското Министерство за надворешни работи.

Трамп, по средбата со Путин во Кина, тврди дека постои реална можност за договор.

„Путин јасно ја изрази желбата војната меѓу Русија и Украина да заврши по дипломатски пат. Мислам дека постои реална добра шанса да постигнеме договор“, изјави Доналд Трамп – претседател на САД.

Во понеделник во Брисел, НАТО ќе расправа за инцидентот во Полска, додека војната и безбедносните тензии продолжуваат.

 

Бојана Крстевски