Украина

Русија и Украина разменуваат напади – Зеленски бара Европа на преговарачката маса

22.11.2026 12:35

Нова размена на напади меѓу Русија и Украина. Руските сили повторно гаѓаа енергетски и станбени објекти, додека Киев возврати со напади врз руски воени цели.

Нова ноќ на руски масовни напади врз енергетски и станбени објекти во Украина. Киев возврати со напади врз објект на Руската Национална гарда во Краснодар. Експлозии пријавени и во близина на базата на руската Балтичка флота во Калининградската област. Финска потврди дека Украина употребила беспилотни летала за да нападне руски товарен брод во меѓународните води на Финскиот Залив, пријави и сомнеж за нарушување на воздушниот простор.

„Се сомневаме дека воен хеликоптер го нарушил финскиот воздушен простор околу пет минути“, изјави Аки-Маури Хутинен – фински вооружени сили.

Зеленски обвини дека Путин на самитот во Шенжен се обидел да договори нова поделба на светот и промена на границите, по примерот на Јалта, но дека Кина не дозволила да биде вовлечена во таков договор. Украинскиот претседател најави дека во идните мировни преговори Европа ќе биде претставена од пет земји, а не само од европската тројка што ја најави Москва. Членството во НАТО го посочи како најсигурна безбедносна гаранција, додавајќи дека и САД ја отвораат оваа тема.

„Нема преговори без Полска, исто како што нема преговори без другите европски земји. Европа ќе биде претставена од пет земји – Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Полска, заедно со претставници на Европската комисија, Европскиот совет и НАТО. Најсигурната гаранција за безбедност на Украина е членството во НАТО. Тоа би ја зајакнало и Алијансата. Добро е што и Американците ја отвораат оваа тема, но конечната одлука ќе зависи од тоа кога и како ќе заврши војната“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

„Секој мировен договор мора да биде прифатлив за Украина. Не може да се носат одлуки за Европа без Европејците“, изјави Вес Стритинг – британски министер за одбрана.