Честитка

Сиљановска-Давкова: Различностите се трајна општествена вредност

22.11.2026 11:14

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука. Во пораката го истакна значењето на Битолскиот конгрес од 1908 година и улогата на албанскиот јазик во зачувувањето на националниот идентитет. Порача дека заедничка должност е градење општество во кое различностите ќе се почитуваат како трајни вредности.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните Албанци по повод 22 Ноември – Денот на албанската азбука, истакнувајќи го историското, културното и националното значење на овој датум.

Во честитката таа посочува дека Конгресот во Битола од 1908 година претставува пресвртница во развојот на албанската нација, преку образованието и културата на унифициран албански јазик.

Сиљановска-Давкова нагласува дека јазикот е основен белег на националната посебност и најсилен инструмент за зачувување и изразување на колективната меморија, духовното наследство и искуството на еден народ.

Осврнувајќи се на мултикултурниот карактер на македонското општество, претседателката истакнува дека Албанците и албанскиот јазик имаат долга традиција и значајно место во уставниот, политичкиот, економскиот, образовниот и културниот живот во државата.

„Наша заедничка должност е да градиме општество во кое единството нема да ги негира, туку ќе ги респектира различностите, третирајќи ги како трајни општествени вредности“, порачува Сиљановска-Давкова.

Таа посакува Денот на албанската азбука да биде не само ден на сеќавање, прослава и гордост, туку и поттик за нови образовни, научни и културни достигнувања на албански јазик.