Македонија ќе ја има мојата силна поддршка на патот кон ЕУ – почнува примената на системот „One Stop Shop“ на Ќафасан
Албанскиот премиер Еди Рама појаснува дека неговата изјава за европскиот пат на Македонија била извадена од контекст и уверува дека ќе биде гласен поддржувач на нејзината интеграција во Европската Унија. Мицкоски порача дека станува збор за внатрешни прашања на земјата и дека Владата нуди решенија за надминување на пречките.

„Јас никогаш нема да го прекинам патот на Македонија кон Европската Унија, ниту да ѝ кажам на Владата што треба да прави. Ми ја извадија изјавата од контекст“, вели албанскиот премиер.
Рама, обраќајќи му се на македонскиот колега Мицкоски, даде јасен одговор дека тој ќе биде гласен поддржувач на интеграцијата на Македонија во европското семејство.
Шефот на Владата, пак, смета дека треба да се гледа поширокиот контекст на изјавата на Рама, додавајќи дека ова се внатрешни прашања на земјата, а ние, вели Мицкоски, нудиме решенија за надминување на оваа пречка.
Дополнителна потврда на добрите односи и заложбите за заедничка иднина на Македонија и Албанија во рамките на европското семејство, според двајцата премиери, е и отворањето на интегрираниот граничен систем.
Крај за метежот на граничниот премин Ќафасан.
Од денеска стартува системот „One Stop Shop“, кој за патниците ќе значи две граници и една контрола. Покрај на Ќафасан, наскоро системот треба да профункционира и на другите гранични премини меѓу двете земји. Тоа ќе значи полесен проток на патници и стока, без поголеми задржувања.
Мицкоски и Рама сметаат дека ова ќе биде импулс за развојот на Охридското крајбрежје, како и за унапредување на соработката на Коридорот 8.
Последните бројки покажуваат дека граничниот премин Ќафасан е еден од најкористените. Само лани биле регистрирани над 2,3 милиони преминувања.
Системот „One Stop Shop“ е воведен и на границите со Србија и Косово.
Викторија Милевска
