Украина

Војната се прелева надвор од Украина – нови напади и зголемена загриженост во Европа

22.11.2026 19:49

Нов бран руски напади врз Украина, Киев возвраќа со удари врз руски воени и поморски цели. Експлозии во близина на базата на Балтичката флота во Калининград, погоден руски товарен брод во Финскиот Залив, а Финска и Естонија ја зголемуваат будноста поради безбедносните ризици. Во меѓувреме, Зеленски бара пошироко европско учество во идните мировни преговори и членството во НАТО го посочува како најсигурна безбедносна гаранција.

Нов бран руски масовни напади врз Украина. Погодени се енергетски и станбени објекти, спасувачките екипи во Киевската област трагаат по затрупани лица.

„Се работи на расчистување на урнатините. Распоредена е тешка инженерска опрема, а спасувачите со кучиња трагаат по луѓе“, изјави Викторија Рубан – портпаролка на украинската служба за вонредни ситуации.

Украинските сили возвратија со удари врз руски воени и поморски цели. За првпат од почетокот на војната, експлозии се пријавени во близина на базата на руската Балтичка флота во Калининградската област. Погоден е и руски товарен брод на пат кон Калининград, кој по нападот во меѓународни води се запалил и навлегол во финските територијални води. Финска пријави и сомнеж за нарушување на својот воздушен простор.

„Влијанието на украинските напади стигна и до околината на Финска. Нападот се случил во меѓународни води и предизвика штета на бродот, по што тој навлезе во финските територијални води. Се сомневаме дека воен хеликоптер го нарушил финскиот воздушен простор околу пет минути“, изјави Аки-Маури Хутинен – директор за комуникации на финските вооружени сили.

Загриженост има и во Естонија, која испрати воен брод за следење на ситуацијата и спречување евентуално загадување. Естонската морнарица предупредува дека и руските и украинските бродови се легитимни воени цели во меѓународните води.

„Сите бродови на Руската Федерација, како и украинските бродови, се легитимни цели во војната меѓу Русија и Украина. Меѓународните води, вклучително и пловниот коридор во централниот дел на Финскиот Залив, се целосно легитимни воени зони“, изјави Иво Верк – командант на естонската морнарица.

Руските медиуми јавуваат дека американски извидувачки авион патролира во близина на Калининград, во период на зголемена активност на НАТО долж руските западни граници. Во меѓувреме, се отвора и прашањето за мировните преговори. Зеленски го обвини Путин дека во Шенжен се обидел да договори нова поделба на светот по примерот на Јалта. Киев бара пошироко европско учество во преговорите, а членството во НАТО го посочува како најсигурна безбедносна гаранција.

„Нема преговори без Полска, исто како што нема преговори без другите европски земји. Европа ќе биде претставена од пет земји – Велика Британија, Германија, Франција, Италија и Полска, заедно со претставници на Европската комисија, Европскиот совет и НАТО. Најсигурната гаранција за безбедност на Украина е членството во НАТО“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Додека Киев бара безбедносни гаранции и пошироко европско учество во преговорите, војната продолжува да ги шири безбедносните ризици и надвор од украинските граници.

 

Бојана Крстевски