Евроинтеграции

Муцунски на состанокот „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина, во фокус европската интеграција на регионот

23.11.2026 08:36

Во фокусот на состанокот ќе бидат забрзувањето на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и одржувањето на динамиката на проширувањето на Европската Унија, во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан на 25 ноември.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска ќе учествува на министерскиот состанок на групата „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина, на покана на шефот на грчката дипломатија Јоргос Герапетритис.

Во фокусот на состанокот ќе бидат забрзувањето на европската интеграција на земјите од Западен Балкан и одржувањето на динамиката на проширувањето на Европската Унија, во пресрет на Самитот ЕУ – Западен Балкан на 25 ноември.

На состанокот ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ и на шесте партнери од Западен Балкан, како и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.

Ќе се разговара за следните чекори во пристапниот процес, реформите, владеењето на правото, демократското управување и добрососедските односи. Грција најавува дека за време на нејзиното претседателство со Советот на ЕУ во втората половина на 2027 година ќе продолжи активно да ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан.