Изложба за Мајка Тереза и концерт на македонски уметници ја воодушевија публиката во Загреб
Пред преполна сала, настанот обедини две уметнички содржини – изложбена поставка посветена на животот и делото на Мајка Тереза и концерт на македонски музички уметници, кои беа наградени со долготрајни аплаузи и овации.

Изложбата „Од Скопје до вечноста – Мајка Тереза и Загреб“ и концертот на камерното дуо Александар Стојчески и Владимир Лазаревски, со специјалното гостување на пијанистката Нина Костова, привлекоа голем интерес кај хрватската публика. Македонскиот Културно-информативен центар во Загреб организираше културна вечер посветена на македонското уметничко творештво и културното наследство.
Пред преполна сала, настанот обедини две уметнички содржини – изложбена поставка посветена на животот и делото на Мајка Тереза и концерт на македонски музички уметници, кои беа наградени со долготрајни аплаузи и овации.
Изложбата, подготвена од Националната установа „Спомен-куќа на Мајка Тереза“ од Скопје, преку повеќе од 40 архивски фотографии и документи ги претстави значајните моменти од животниот пат на хуманитарката, со посебен акцент на нејзината поврзаност со Загреб. Авторка на поставката е вишата кустоска Цветанка Вучковска Митовска.
Посебно внимание е посветено на 1928 година, кога младата Агнес Гонџа Бојаџиу од Загреб заминала за Ирска, каде што го започнала својот монашки живот. Во Загреб е направен и нејзиниот последен фотографски портрет пред да го продолжи патот кон Индија.
Музичкиот дел од вечерта го одбележаа виолистот Александар Стојчески и обоистот Владимир Лазаревски, со специјалното гостување на пијанистката Нина Костова. Нивните изведби оставија силен впечаток кај публиката.
На отворањето се обратија македонскиот амбасадор во Хрватска, Драган Ѓурчевски, директорката на КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, и директорката на НУ „Спомен-куќа на Мајка Тереза“, Соња Кузмановска. Меѓу присутните беа претставници на институции, дипломатскиот кор, верски заедници и љубители на уметноста.
Настанот е дел од годишната програма на Македонскиот КИЦ во Загреб, поддржана од Министерството за култура и туризам, и има цел да ја промовира македонската култура и да ги зајакне културните врски меѓу Македонија и Хрватска.
