Дипломатија

Муцунски се сретна со новата шефица на унгарската дипломатија

23.11.2026 11:00

Во фокусот на разговорите биле билатералните односи, европската перспектива на регионот и актуелните регионални и безбедносни предизвици.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски оствари средба со новата министерка за надворешни работи на Унгарија, Анита Орбан, на маргините на министерскиот состанок на неформалната група „Пријатели на Западен Балкан“ во Атина.

Во фокусот на разговорите биле билатералните односи, европската перспектива на регионот и актуелните регионални и безбедносни предизвици.

Како што информира Муцунски на социјалните мрежи, ова е нивна прва средба по назначувањето на Орбан на функцијата шефица на унгарската дипломатија.

На средбата било изразено задоволство од континуираниот развој на односите и соработката меѓу двете земји, како на билатерален план, така и во регионалните и мултилатералните формати. Двајцата соговорници ја потврдиле заложбата за натамошно продлабочување на соработката во областите од заемен интерес.

Посебен акцент бил ставен на европската перспектива на Западен Балкан и потребата од континуитет и кредибилитет на процесот на проширување на Европската Унија, како поттик за реформите, развојот и стабилноста на регионот.

Муцунски ја поздравил силната и континуирана поддршка од Унгарија за европската интеграција на земјите од регионот.

На средбата биле разменети мислења и за актуелните регионални и безбедносни предизвици, при што била нагласена заедничката определба за мир, стабилност и зајакнување на регионалната соработка.