Два филма на Милчо Манчевски истовремено на светски фестивали во Белград и Торино

23.11.2026 10:33

Белградската премиера на „Сестра, брат и шахта“ привлече голем интерес, а салата беше исполнета до последното место. На проекцијата присуствуваа македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчески, директорот на фестивалот Срдан Голубовиќ, како и режисерите Срѓан Драгојевиќ, Дарко Бајиќ и Недељко Ковачиќ.

Најновиот игран филм на Милчо Манчевски „Сестра, брат и шахта“ ја имаше европската премиера на Фестивалот на авторски филм во Белград, каде што беше поздравен со овации, додека неговиот документарец „Добри луѓе“, посветен на трагедијата во Кочани, во среда ќе ја има италијанската премиера на Филмскиот фестивал во Торино. Манчевски во иста година се претставува со два филма пред меѓународната публика.

Белградската премиера на „Сестра, брат и шахта“ привлече голем интерес, а салата беше исполнета до последното место. На проекцијата присуствуваа македонскиот амбасадор во Србија, Никола Тупанчески, директорот на фестивалот Срдан Голубовиќ, како и режисерите Срѓан Драгојевиќ, Дарко Бајиќ и Недељко Ковачиќ.

По проекцијата, публиката со овации ги поздрави режисерот Манчевски, актерите и филмската екипа. Следуваше разговор со публиката, а претходно беа одржани и прес-конференција и интервјуа за српските медиуми.

Во среда, документарниот филм „Добри луѓе“, посветен на трагедијата во Кочани, ќе биде прикажан во официјалната програма вон конкуренција на Филмскиот фестивал во Торино. Директорот на фестивалот, Џулио Базе, го оцени како најемотивен филм на годинашното издание. Филмот е финансиран приватно од Манчевски, а сите приходи од неговото прикажување се наменети за настраданите во Кочани.

„Сестра, брат и шахта“ овој месец ја освои главната награда Гран при на Филмскиот фестивал во Токио, со што стана вториот македонски филм во историјата што освоил главна награда на фестивал од А-категорија, по „Пред дождот“ во 1994 година.

Филмот претходно беше прикажан и на фестивалот во Каиро, во официјалната програма вон конкуренција, каде што Манчевски оствари средба со публиката и даде интервјуа за локалните и меѓународните медиуми.

„Сестра, брат и шахта“ е комедија и социјална сатира за односите меѓу богатите и сиромашните, раскажана низ приказната за брат и сестра кои живеат надвор од општествените текови. Ова е деветти долгометражен филм на Манчевски и осми игран филм. Двата филма се снимени во иста година, што претставува редок пример во меѓународната кинематографија.

Во снимањето на играниот филм учествувала меѓународна екипа, а покрај македонските продуценти и институции, проектот го поддржале и филмски фондови и приватни инвеститори од Бугарија, Србија, Албанија, Италија и Англија.