„Дамата со камелии“ на 28 ноември на сцената на Националната опера и балет
Балетската претстава е инспирирана од познатата љубовна приказна за Маргарита и Арман, во која преку танцот и музиката се раскажува судбината на двајца вљубени, нивните лични жртви и ограничувањата на општеството.

Љубовта, страста и жртвата ќе оживеат преку балетскиот израз во претставата „Дамата со камелии“, која на 28 ноември, со почеток во 19:30 часот, ќе биде изведена на сцената на Националната опера и балет. Во главните улоги на Маргарита и Арман ќе настапат Марија Кичевска Шокаровска и шпанскиот балетски уметник Франциско Хименес Руиз, со музика на Џузепе Верди и кореографија на Василиј Медведев.
Балетската претстава е инспирирана од познатата љубовна приказна за Маргарита и Арман, во која преку танцот и музиката се раскажува судбината на двајца вљубени, нивните лични жртви и ограничувањата на општеството.
Музиката на Џузепе Верди ја надополнува драматургијата и ја нагласува емотивната сила на приказната.
Со претставата ќе диригира Едуард Амбарцумјан од Ерменија, а кореографијата е на рускиот кореограф Василиј Медведев, кој соработувал со реномирани балетски театри, меѓу кои Бољшој во Москва и Марински во Санкт Петербург.
Сценографијата и костимографијата се на Павол Јураш од Словачка, а концерт-мајстор е Јане Бакевски.
Покрај главните солисти, во претставата ќе настапат балетскиот ансамбл и оркестарот на Националната опера и балет.
Со раскошна сценографија, впечатливи костими и музиката на Верди, „Дамата со камелии“ носи сценска приказна за безвременската љубов, раскажана преку елеганцијата на балетот.
