Мисајловски: Националната отпорност и сојузничката солидарност се клучни за справување со кризите
Владо Мисајловски, на настан организиран од Црвениот крст, истакна дека градењето национална отпорност, подготвеноста на институциите и солидарноста во НАТО се клучни за справување со современите кризи...

Министерот за одбрана Владо Мисајловски, на настан организиран од Црвениот крст, истакна дека градењето национална отпорност, подготвеноста на институциите и солидарноста во НАТО се клучни за справување со современите кризи.
Тој посочи дека воените конфликти, климатските промени, природните катастрофи и хибридните и сајбер-заканите ги надминуваат капацитетите на поединечните институции, поради што се неопходни заедничко планирање, координација и меѓусебна доверба.
Мисајловски нагласи дека Армијата, покрај основната задача за одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет, има важна улога и во поддршката на цивилните институции при кризни состојби.
Како примери за сојузничката солидарност ги посочи помошта на македонските армиски тимови по земјотресот во Турција и поплавите во Словенија, како и поддршката од сојузниците по трагедијата во Кочани, преку медицинска евакуација, опрема и лекување на повредените.
Мисајловски порача дека националната отпорност е континуиран процес и дека само преку партнерство меѓу институциите, Црвениот крст и граѓанскиот сектор може да се изгради поефикасен систем за заштита на граѓаните.
