Започнува нова ера на инстант плаќања – парите ќе се префрлаат за неколку секунди
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, заедно со гувернерите на централните банки од Западен Балкан, денеска во Банката на Италија го одбележа заокружувањето на процесот за воспоставување на регионалната платформа, заснована на технологијата на европскиот систем ТИПС.

Платформата за воспоставување на Националниот инстант платен систем почна со функционирање, со што се отвора можност за плаќања во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата. Банкарите треба да го завршат техничкото поврзување до јануари 2027 година, по што услугата ќе биде достапна за граѓаните и компаниите преку сите банки во земјава.
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, заедно со гувернерите на централните банки од Западен Балкан, денеска во Банката на Италија го одбележа заокружувањето на процесот за воспоставување на регионалната платформа, заснована на технологијата на европскиот систем ТИПС.
Во иницијативата учествуваат пет земји од регионот – Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора. Платформата овозможува порамнување на инстант плаќањата во националните валути на земјите учеснички, како и во евра.
Според утврдената динамика, деловните банки во земјава треба да го завршат техничкото поврзување и пристапувањето кон системот до јануари 2027 година. Потоа, граѓаните и компаниите ќе можат да префрлаат пари за само неколку секунди, во кое било време, вклучително и за време на викендите и празниците.
Проектот започна минатата година, а од ноември 2026 година сите пет земји од регионот се приклучени на платформата, со што се овозможени инстант плаќања во нивните национални валути. Во следниот период се очекува да бидат овозможени и прекугранични плаќања во евра меѓу земјите учеснички.
Новата инфраструктура ќе овозможи и воведување дополнителни дигитални услуги, меѓу кои иницирање плаќања преку мобилен телефонски број или електронска адреса, барање за плаќање, проверка на примачот, онлајн плаќања и плаќања преку интероперабилни кодови.
Од Народната банка посочуваат дека со ова се создава основа за побрзи и поефикасни плаќања, поврзување на националните системи и нивно постепено приближување кон европската платежна инфраструктура. Очекувањата се новите услуги да придонесат за поголема употреба на дигиталните плаќања и забрзување на дигитализацијата во јавниот и приватниот сектор.
