Енергетика

Поскапи парно и струја од јануари – РКЕ ќе одлучува за новите тарифи

23.11.2026 17:38

Нови поскапувања на енергенсите од почетокот на следната година. Компаниите бараат повисоки тарифи за парното греење, а домаќинствата би можеле да плаќаат и поскапа струја. Премиерот Мицкоски најавува дека Владата ќе го штити животниот стандард на граѓаните, додека РКЕ треба да ги разгледа доставените барања.

Се заканува поскапување на парното греење по Нова година. Компаниите за снабдување со топлинска енергија бараат зголемување на тарифите – „ЕСМ Снабдување“ и „Скопје Север“ за 7,5 проценти, „ЕСМ Енергетика“ за 7,2 проценти. Уште повисоки тарифи се предлагаат за правните лица.

Како главна причина, снабдувачите го наведуваат поскапувањето на гасот, што влијае врз трошоците за производство. Ако предлог-тарифите бидат усвоени, ќе почнат да важат од 1 јануари.

Со претходните две корекции на цената, парното веќе поскапе за 11 проценти. Паралелно, домаќинствата од 1 јануари би можеле да плаќаат и поскапа струја за 2% до 3%.

Премиерот Мицкоски вели – со сите алатки ќе го штитиме стандардот на граѓаните. Сега на потег е Регулаторната комисија за енергетика да ја направи пресметката.

Енергетските компании веќе ги доставиле финансиските барања до РКЕ, во кои се бара поскапување. Одлуките за цените треба да бидат донесени во периодот што следи и да стапат во сила на 1 јануари.

 

Борис Грујоски