Македонија ги исполнува критериумите, процесот на проширување на ЕУ не смее да запре!

07.10.2014 15:18

Македонија ги исполнува политичките критериуми, има прогрес во реформите во правосудниот систем и јавната администрација. Советот да ја даде препораката на Европската комисија за отворање преговори за членство, стои во драфт верзијата на Европската комисија што утре треба да ја објави еврокомесарот Филе...

Утре во 14 часот и 30 минути комесарот за проширување на Европската унија во заминување, Штефан Филе, ќе ги објави прогрес- извештаите на земјите кандидатки за членство во Европската Унија. И покрај најавата на новото европско раководство дека во следните пет години ќе нема нови членки, сепак, комесарот Филе порача дека процесот на проширување не смее да запре.

„Следните пет години ќе бидат важни да се одржи моментумот во проширувањето, да донесат поголема сигурност и стабилност во соседството, кое многу повеќе од порано е предмет на различни наметнувања и притисоци. Овој извештај е наш придонес не само во борбата со замореноста од проширувањето, туку и замореноста во реформите. Се работи за тоа како да се вклучат владите, како да се убедат граѓаните дека ќе ги почувствуваат придобивките на процесот на проширување. Не само на крајот на процесот, туку и за време на процесот“, изјави еврокомесарот во заминувње, Штефан Филе.

Иако неофицијално, во новиот извештај на Европската комисија, Македонија по шестти пат ќе ја добие препораката за отпочнување на преговорите со ЕУ, тука во Брисел никој не се сомнева дека на декемврискиот самит повторно ќе бидеме блокирани од страна на Грција.

Потребна е политичка волја за решавање на прашањето со ФИРОМ, објасни новата висока претставничка за надворешна политика и безбедност на Унијата, Федерика Могерини, на сослушувањето пред  Комитетот за надворешни работи во Европскиот Парламент, вчера доцна во Брисел.

На неформалниот брифинг со новинарите Европската комисија најави дека Република Македонија може да очекува отпочнување на преговори при завршувањето на мандатот на новиот европски естаблишмент.

 

Марина Стојанова- Тонева, постојан дописник од Брисел за МРТ