Собрание

Анализа на оценките и препораките на извештајот на ЕК

23.11.2026 17:14

Дебата за европскиот извештај за напредокот на Македонија во Собранието. Претседателката Сиљановска – Давкова порачува: ништо нема да не поколеба да продолжиме по европскиот пат, но оние што тврдат дека во прашање се само уставните измени не се искрени, зашто добрососедските односи наместо да бидат мост, се претворени во инструмент за блокада.

„Секој што мисли дека услов се само уставните промени не е искрен – добрососедските односи треба да бидат мост кон ЕУ, а не инструмент за блокади“, посочи претседателката Сиљановска-Давкова на седницата за Европскиот извештај за напредокот на Македонија.

„Македонија е меѓу државите со најголемо ниво на подготвеност, стопроцентна усогласност со европската надворешна и безбедносна политика, има напредок во Реформската агенда, во дигитализацијата и образованието. Но, треба да се забрзаат реформите на правниот систем, јавната администрација, борбата против корупцијата и законите да се спроведуваат во пракса“, рече евроамбасадорот. Рокас повтори дека уставните промени се услов за следната фаза од евроинтеграцијата.

Првите луѓе на собраниските тела за евроинтеграции, Филипче и Милошоски, не можат да се согласат дали уставните промени се предавство или херојство.

Според Милошоски, најголем тест дали ЕУ е сериозна за прием на кандидатките од Западен Балкан според заслуги, а не билатерални спорови, е приемот на Црна Гора, без или со нови барања.

 
Ирина Гелевска