Татко и син нападнале лекар и медицинска сестра на Брзата помош – здравствените работници бараат најстроги казни
Татко и син физички нападнале лекар и медицинска сестра пред поликлиниката „Јане Сандански“, откако лекарот проценил дека пациентот, кој испил антифриз, може сам да биде однесен на Токсикологија. Здравствените работници се здобиле со повреди, а Здравствениот дом – Скопје и Лекарската комора бараат најстроги казни.

Прво му требало итен транспорт со возило на Брзата помош, а кога не ја добил услугата, почнал силно да удира по лекарот и медицинската сестра. Според законот, за ова дело е предвидена казна од пет години затвор.
Татко и син истепале лекар и медицинска сестра на Брзата помош. Синот побарал помош зашто таткото испил антифриз, а откако лекарот констатирал дека тој може да го однесе татка си на Токсикологија, бидејќи пациентот бил контактибилен и во добра состојба, се случил жестокиот напад. Здравствените работници се со контузии, набиеници и претрпен стрес.
За инцидентот од саботата пред поликлиниката „Јане Сандански“, и Здравствениот дом – Скопје и Лекарската комора бараат најстроги казни. МВР работи на расчистување на случајот.
Податоците на надлежните покажуваат дека 70 проценти од здравствените работници се соочиле со некаков вид насилство на работното место, поголем дел од нив со вербално, а околу седум проценти со физичко насилство.
Наташа Јанчиќ-Менковски
