Формиран Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите
Слободното новинарство не е привилегија на новинарите, туку право и потреба на секое демократско општество. Во земјава е формиран Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите. Целта е да се овозможат побрза комуникација и реакција при упатување закани кон претставниците на седмата сила.

Нападот врз новинар е напад врз правото на јавноста да биде информирана. Затоа, девет институции, на чело со МВР, го формираа Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, со цел поголемо следење на откривањето, гонењето и процесуирањето на сторителите кои физички или вербално напаѓаат претставници на седмата сила.
Комитетот треба да го усвои тригодишниот акциски план, согласно со кој треба да се унапреди правната рамка за заштита од СЛАПП-тужби, да се дефинира каналот за пријавување и постапување во случаите во кои е нападнат новинар, да се назначат контакт-обвинители во градовите низ земјава, но и да се организираат обуки за препознавање и превенција од овој тип насилство.
Комитетот, во кој свои членови има и Македонската телевизија, е формиран со одлука на Владата, а поддржан од Советот на Европа, со цел заштита на слободата на изразување и медиумите.
Анита Димитријевска - Велковска
