80 години Детски дом „11 Октомври“
Секое дете и секое згрижувачко семејство заслужуваат поддршка, почит и еднакви можности – Јавната установа детски дом „11 Октомври“ - институција посветена на обезбедување грижа за деца без родители и без родителска грижа, одбележува 80 години од постоењето...

Илјадници детски приказни, животни судбини, надежи и соништа, но и генерации луѓе кои грижата за децата ја претворија во животна мисија. Многумина во домот за деца без родители „11 Октомври“ растеле, се обрзувале и го направиле првиот чекор кон самостоен живот. Секое дете оставило трага во историјата на институцијата, која одбележува 80 години. Надлежните велат – денес условите се унапредени, зголемен е бројот на згрижувачки семејства, зајакнати се кадровските капацитети.
„Oд вас научивме што значат храброста, надежта и вербата во подобро утре. Вашите успеси и секој нов чекор напред се најголемата потврда дека нашата работа има смисла. Можеби не можеме да му го промениме почетокот на секое детство, но можеме да направиме многу за секое дете да има подобра иднина. Тоа е нашата мисија, тоа е нашата одговорност, тоа е нашата човечност“, изјави Павлина Трајановска – директорка на Домот за деца без родители „11 Октомври“.
Во земјава има 392 згрижувачки семејства, во кои се згрижени 674 деца. Но, грижата за нив не завршува со полнолетството. Потребна им е поддршка – успешно да го напрваат преминот кон самостоен живот, да се вработат и да станат економски независни.
„Нашата цел е да им овозможиме на овие млади луѓе полесен пристап до пазарот на трудот, можност за вработување, економска независност и самостојно градење на сопствената иднина. Грижата за овие деца не завршува со нивното полнолетство. Напротив, токму тогаш започнува еден нов и исклучително важен период во кој им е потребна дополнителна поддршка за успешно да се интегрираат во општеството и да станат самостојни“, изјави Ѓоко Велковски – министер за труд и социјална политика демографија и млади.
Осум децении историја, илјадници детски животи и една мисија – секое дете да има дом, топлина, сигурност и шанса за подобра иднина.
Андријана Ѓурческа
