ДПМ го отвори конкурсот за традиционалните годишни книжевни награди
Друштвото на писателите на Македонија го отвори конкурсот за петте традиционални годишни награди за дела објавени во 2026 година. Авторите можат да ги достават своите книги најдоцна до 23 декември, до 15 часот, а ќе бидат опфатени и делата отпечатени до крајот на годината.
Управниот одбор на Друштвото на писателите на Македонија го отвори конкурсот за традиционалните годишни книжевни награди за дела објавени во 2026 година.
Ќе се доделат пет награди: „Стале Попов“ за најдобра прозна книга, „Ацо Шопов“ за најдобра збирка песни, „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца, „Димитар Митрев“ за најдобра книга критика или есеистика и „Мост“ за најдобра книга објавена на некој од јазиците на заедниците во земјава.
Право на учество имаат сите активни членови на ДПМ, кои треба да достават четири примероци од делото, лично или по пошта, во просториите на Друштвото.
Конкурсот е отворен до 23 декември, до 15 часот. Ќе можат да учествуваат и книгите отпечатени од 23 до 31 декември 2026 година, со приложена потврда од печатницата за датумот на печатење.
