Изложба на дела од колекцијата на Националната галерија посветена на културното наследство
Околу 30 слики и цртежи што го прикажуваат македонското културно наследство ќе бидат изложени во објектот Мала Станица. Изложбата на Националната галерија опфаќа уметнички дела на значајни македонски автори, кои преку својот творечки израз ги документирале црквите, манастирите, џамиите и старите градби во земјава.
Во Мала Станица денеска ќе биде отворена изложбата „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“.
Поставката опфаќа околу 30 дела што го претставуваат културното наследство на земјава, со посебен акцент на црквите, манастирите, џамиите, амамите и другите историски градби од различни региони.
На изложбата се застапени дела на Љубомир Ивановиќ, Лазар Личеноски, Ѓорѓи Ачески, Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов и други уметници.
Поголемиот дел потекнуваат од првата половина на 20 век и претставуваат уметнички, но и документарни сведоштва за изгледот и развојот на македонското културно наследство.
