Продолжува меѓусебната поддршка на Македонија и Црна Гора

07.10.2014 15:37

На средбата шефовите на дипломатиите на Македонија и Црна Гора разговарале и за детали за заеднички амбасади и одржување заедничка седница на двете влади...

Добри политички односи и простор за развивање на економските релации. Ова е заклучокот од претпладневната средба во Подгорица на министрите за надворешни работи на Македонија и Црна Гора, Никола Попоски и Игор Лукшиќ. Се согласиле да продолжат со меѓусебната поддршка на евроинтегративниот пат. Разговарано е за детали за заеднички амбасади, регионална инцијатива во која е и Црна Гора. Во изјавите за медиумите, Попоски со коментар за извештајот на Европската Комисија за Македонија кој треба да биде објавен утре во Брисел.

„Во политички смисол извештајот на Комисијата за Македонија е брод на суво, бидејќи секоја препорака досега не вродила со плод, бидејќи одлуките за Македонија не зависат толку од извештајот, веројатно уште помалку од самата Комисија, туку се во заложничка драма под Акропол. Мислам дека за нас ќе биде значајно да се посветиме на оној дел кој зависи само од нас, а тоа се реформите кои ќе продолжиме да ги спроведуваме понатаму“, изјави шефот на дипломатијата, Никола Попоски.

На прашање на вашиот известувач, Министерот Лукшиќ со став за балканскиот синдром на соседска блокада, случај кој е карактеристичен за Грција.

„Не пропуштам можност во нашите билатерални разговори, било со Никола, било со нашите грчки колеги, да се распрашам како стојат работите и да се интересирам за што поскоро решавање на тоа прашање, бидејќи тоа им носи огромна корист на сите во регионот“, додаде шефот на црногорската дипломатија, Игор Лукшиќ.

Попоски беше примен од претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ. За билатералната соработка на сите нивоа, тој разговараше и со премиерот, Мило Ѓукановиќ. 

Најавена е можност за скорешно одржување на заедничка седница на двете влади.

Шефот на македонската дипломатија ја завршува еднодневната официјална посета на Црна Гора, со предавање на студентите на Подгоричкиот универзитет. Ќе им зборува за европската перспектива на Македонија.

 

Душко Арсовски, специјален известувач на МРТ од Подгорица