34 илјади граѓани побарале спас од натрупаните долгови
Истекува рокот за поднесување барања за отпис на долгови. Граѓаните кои ги исполнуваат условите, имаат можност до понеделник, до 16 и 30 часот, да ги достават документите до центрите за социјална работа.

Понеделник е последниот ден до кога граѓаните од ранливите категории можат да побараат простување на долговите. Рокот нема да се продолжи! Комисијата веќе ја разгледува досега поднесената документација, го проверува секое барање дали е во ред. Првите решенија со кои граѓаните ќе се ослободат од финансиското бреме, се очекуваат меѓу 20 и 25 октомври.
„Мерката е добро димензионирана и е насочена кон оние на кои им е најпотребна, а тоа се најранливите категории на граѓани. Еднократно ќе им се отпишан долговите и на тој начин ќе им помогнеме во решавањето на животните предизвици, за да можат полесно да се справат со последиците од светската и европската криза“, изјави Зоран Ставрески, вицепремиер и министер за финансии.
Досега се поднесени 34 илјади барања, но секојдневно пристигнуваат нови.
„Сега поднесувам барање, имам неплатени сметки од 2012-та година.“
„Сега ги прашувам службите да ме упатат и да ми кажат кои документи се потребни за да поднесам барање за отпис на долгови.“
„Имаме поднесено барање за отпис, се уште не знам дали ќе ми се простат долговите“, велат анкетираните граѓани.
Освен од натрупаните сметки за струја, парно, РДТ и од обврските кон банките, граѓаните ќе куртулат и од извршителите.
„Предметите стоеја, каматите растеа, а со оваа мерка сега можеме да ги затвориме овие предмети“ , вели Зоран Петрески, претседател на Комората на извршители.
Надлежните апелираат да не се чека 5 до 12 и навреме да се реагира, за да нема метеж пред шалтерите во центрите за социјална работа.
„Повторно би сакал да ги повикам граѓаните кои ги исполнуваат условите, особено примателите на социјална и на постојана парична помош, да ја искористат можноста и да ги поднесат барањата, за да добијат еднократен отпис“ , изјави Диме Спасов, министер за труд и социјална политика.
Ќе се простат долговите настанати до 31 декември лани, ненамирени подолго од една година и за кои е почната постапка за присилна наплата.
Мартин Пушевски
