Економија

Народна банка: Потребна е поголема вклученост на жените во корпоративното лидерство

24.11.2026 12:48

Унапредувањето на родовата еднаквост, еднаквите можности и економското јакнење на жените се важни предуслови за инклузивен и одржлив економски раст. Вицегувернерката на Народната банка, Арљинда Хасани Синани, порача дека треба да се отстранат пречките со кои се соочуваат жените при вклучувањето на пазарот на трудот и пристапот до раководни позиции.

Потребни се заеднички напори за унапредување на родовата еднаквост во корпоративното лидерство и создавање еднакви можности за економско учество на жените. Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Арљинда Хасани Синани, на дискусијата „Жените во корпоративното лидерство во Северна Македонија: Од сознанија до акција“.

Таа посочи дека инклузијата не треба да се однесува само на жените кои веќе имаат пристап до раководни позиции, туку и на оние кои се соочуваат со дополнителни пречки за вклучување во економските текови.

Хасани Синани нагласи дека целта не треба да биде само зголемување на бројот на жени на највисоките раководни позиции, туку создавање општество во кое секоја девојка и жена ќе има еднаква можност да ги развива своите потенцијали и да успее. Притоа, таа посочи дека треба да се анализираат причините поради кои голем број жени воопшто не се пријавуваат како баратели на работа.

Во контекст на економското јакнење на жените, вицегувернерката ги посочи активностите на Народната банка за подобрување на пристапот на жените до финансиски средства и поддршка на женското претприемништво.

Дискусијата беше организирана од „Жени во корпоративните одбори – Јадрански регион“ (WOBA), во соработка со Европската инвестициска банка.

Со учеството на настанот, Народната банка ја потврдува поддршката за еднаквите можности, доброто корпоративно управување и економското јакнење на жените.