Тошковски и британската амбасадорка Сивагнанам разговараа за продлабочување на полициската соработка
Борбата против организираниот криминал, граничната безбедност, нелегалната миграција и сајбер-криминалот беа во фокусот на средбата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со новоименуваната британска амбасадорка Маја Сивагнанам. Беше потврдена определбата за продлабочување на стратешкото партнерство, размена на информации и зајакнување на капацитетите на македонската полиција.

Продлабочување на полициската соработка и стратешкото партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство биле во фокусот на работната средба на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски со новоименуваната британска амбасадорка Маја Сивагнанам.
На средбата биле разгледани тековните активности и можностите за унапредување на соработката во борбата против сериозниот и организираниот криминал, граничната безбедност, нелегалната миграција, сајбер-криминалот и недозволените финансиски текови.
Посебно внимание било посветено на активностите на Заедничката работна група за миграција, како и на зајакнувањето на оперативната и регионалната полициска соработка, размената на информации и искуства и унапредувањето на професионалните и техничките капацитети на македонската полиција.
Тошковски изразил благодарност за континуираната британска поддршка преку експертска и техничка помош, специјализирани обуки и реализација на заеднички проекти.
На средбата било истакнато дека Договорот за стратешко партнерство меѓу Македонија и Обединетото Кралство претставува основа за натамошно продлабочување на соработката во безбедносната област и спроведување заеднички активности за поефикасно справување со современите безбедносни предизвици, поголема регионална стабилност и безбедност на граѓаните.
