Македонија

Минчев: Градиме администрација што решава проблеми, а не создава нови

24.11.2026 16:29

Професионалноста на административните службеници треба да се мери според квалитетот на услугите што ги добиваат граѓаните, а не според работното место што го имаат. Ова го порача министерот за јавна администрација Горан Минчев на обуките за административните службеници во Охрид. Најави дека Академијата за стручно усовршување и обука ќе започне со работа на почетокот на 2027 година.

Реформата на јавната администрација треба да донесе поквалитетни услуги, поголема ефикасност и поодговорни институции. Ова го истакна министерот за јавна администрација Горан Минчев на денешните генерички обуки за административните службеници во Охрид.

Тој нагласи дека професионалноста не се мери според работното место, туку според услугата што граѓанинот ја добива кога ќе се обрати во институција.

Обуките се насочени кон три области: менторство, комуникациски вештини, еднаквост и недискриминација, со акцент на нивната практична примена во секојдневното работење и односот со граѓаните.

Минчев најави дека Министерството интензивно работи на воспоставување на Академијата за стручно усовршување и обука на административните службеници, која треба да започне со работа на почетокот на 2027 година. Таа ќе овозможи континуирано учење, развој на компетенциите и унапредување на професионалните стандарди.

Тој се осврна и на системските промени, меѓу кои новата законска рамка за административните службеници и Законот за високите раководители, со кои се предвидуваат појасни критериуми за професионалност, избор, оценување и одговорност.

Според Минчев, раководните позиции мора да подразбираат одговорност за резултатите, а компетентноста, професионалниот придонес и интегритетот да бидат основа за напредување и вреднување во институциите.

Министерството за јавна администрација останува посветено на вложување во знаењата и вештините на административните службеници, со цел создавање институции што ќе им служат на граѓаните, наместо да им создаваат дополнителни пречки.