Србија

Пукање во училиште во Крагуевац, ученик стар 17 години повреди две лица

24.11.2026 17:06

Пукање во училиште во српскиот град Крагуевац. Седумнаесетгодишен ученик со малокалибарска пушка ранил две вработени во училиштето. Полицијата го совладала и уапсила, а мотивот за нападот засега е непознат. Ниту еден ученик не е повреден.

Утринава во Првото техничко училиште во Крагуевац седумнаесетгодишен ученик пукал со малокалибарска пушка. Една помошна работничка е ранета, додека друга е повредена од парче стакло, соопшти полицијата. Двете се во свесна состојба и се задржани на лекување во болницата во Крагуевац.

Полициските службеници го совладале и уапсиле ученикот од ова училиште, за кого постои сомневање дека во холот на образовната институција употребил малокалибарска пушка што ја зел од својот татко. Ниту еден ученик не е повреден, се додава во соопштението.

Според медиумите, напаѓачот не се запрел сам – престанал да пука само кога оружјето откажало и кога забележал дека куршумот е заглавен во цевката, по што полициската патрола, која била во близина, брзо го совладала и го уапсила.

Директорот на училиштето нагласи дека ученикот од четвртиот клас, кој пукал, никогаш досега не бил проблематичен.

„Учениците безбедно ја напуштија зградата. Самиот инцидент се случил за време на првиот час и затоа ниту еден од другите ученици не бил присутен, што е добра околност во оваа ситуација“, изјави Немања Јоксимовиќ, директор на Првото техничко училиште во Крагуевац.

Засега мотивот за нападот не е познат. Полициските сили се на терен и интензивно работат на утврдување на сите факти и околности за овој настан.

Во Србија, во масовното пукање во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Белград на 4 мај 2023 година, малолетен ученик уби девет ученици и еден обезбедувач.

 

Оливер Бранковиќ