Македонија

Ахмети до Шасивари: Правосудниот испит мора да се полага и на албански јазик

24.11.2026 17:47

Али Ахмети со отворено писмо до Јетон Шасивари. Претседателот на ДУИ бара од министерот за правда правосудниот испит и другите државни стручни испити да може да се полагаат на албански јазик.

Законот за употреба на јазиците не е декларативен акт, ниту документ чие спроведување зависи од волјата или секојдневното расположение на носителите на власта.

Лидерот на ДУИ со отворено писмо до министерот за правда Шасивари за полагањето на правосудниот испит. Според Ахмети тој треба да се полага и на албански јазик. Посочува дека според неговите информации, во Министерството за правда неделава се одржуваат состаноци, на кои се вклучени и Инспекторатот и Агенцијата за примена на јазиците, со цел, како што пишува Ахмети, да се менаџира институционалното незадоволство и да се изгради заеднички став за предлог-решението на Владата.

Ахмети со обраќање и до САД, Европската Унија и НАТО, како меѓународни гаранти на Рамковниот договор, но и до властите во Тирана и во Приштина. Го повика Шасивари на политичка и национална одговорност.

„Ве повикувам да покажете политичка, институционална и национална одговорност! Да се откажете од секој обид за стеснување на јазичните права на албанците и да ги запрете иницијативите насочени кон релативизирање и деградирање на законот за употреба на јазиците! Ве повикувам да не манипулирате со очекувањата на јавноста и пред венецијанската комисија да не презентирате решенија што се во спротивност со важечкиот закон, претставувајќи ги како унапредување на јазичните права“, вели Ахмети во отворено писмо до министерот Шасивари.

 

Милчо Велески