Зголемени тензии
Нов бран напади со дронови и зголемени безбедносни тензии ја одбележуваат војната во Украина. Полска и Јужна Кореја ги подигнаа борбените авиони по регистрирани нарушувања на воздушниот простор.

Руски извидувачки дрон накратко го наруши полскиот воздушен простор, а руски воени авиони влегоа во зоната за воздушна одбрана на Јужна Кореја, по што двете земји ги подигнаа борбените авиони. Москва тврди дека погодила брод со воена опрема кај Одеса, додека Киев пријави жртви и повредени во Запорожје.
„Се случи огромна експлозија - прозорците се скршија, прашина насекаде, вода - бев во целосен шок. Не можев да излезам, вратата беше блокирана“, изјави Татјана од Запорожје.
По нападите врз руски бродови кај брегот на Либија, Украина изврши нови напади со дронови врз повеќе руски региони, меѓу нив Москва и Крим. На полуостровот се најавени ограничувања на струјата до 30 проценти, поради итни поправки.
„Ограничувањата ќе траат најмногу 10 дена, а намалувањето на електричната енергија ќе биде до 30 насто“, изјави Сергеј Аксјонов, гувернер на Крим назначен од Русија.
На дипломатски план, Киев повторно бара безбедносни гаранции, дополнителна воена помош и членство во НАТО. Зеленски најави подготвеност за средба со Русија, САД и Европа, по можност пред Божиќ.
„Украина целосно го заслужува своето место во НАТО и може вистински да ја зајакне Алијансата. На Украина мора да ѝ се помогне, а за одбрана се потребни ракети за системите Патриот“, нагласи Володимир Зеленски, претседател на Украина.
Но, за членството засега нема консензус меѓу сојузниците. Германскиот канцелар, пак, оцени дека одбивањето на украинското членство во 2008 било историска грешка.
„Да беше таа членка на НАТО, оваа војна веројатно можеше да се спречи. Во таа смисла, не можам да ја замислам нејзината иднина без безбедносни гаранции, слични на оние од Членот 5, кои ќе ѝ бидат неопходни и по завршувањето на војната“, рече Фридрих Мерц, канцелар на Германија.
Во меѓувреме, Брисел го претстави 22. пакет санкции против Москва, со дополнителни ограничувања врз руските банки, енергетскиот сектор и флотата во сенка. ЕУ предлага дополнителен заем од 45 милијарди евра за Украина во 2027 година, но финансирањето на Киев останува спорно во преговорите за новиот седумгодишен буџет на Унијата. На самитот во Брисел на 26 и 27 ноември, лидерите ќе се соочат и со противењето на Унгарија на ваквиот предлог.
Бојана Крстевски
