Ново рочиште за трагедијата во „Пулс“
Со сослушување на сведоци предложени од одбраната во судницата во затворот „Идризово“ продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани...

Задната врата во дискотеката „Пулс" се користела за проветрување, а гостите не ја користеле за влез и излез. Ова го тврди шанкерката Анастасија, која неколку години работела во клубот. Како сведок предложен од газдата на „Пулс“, рече дека кобната вечер ниту таа, ниту некој друг се обидел да излезе преку таа врата, бидејќи таму било жариштето на огнот. Дека клубот гори, слушнала од пејачот на ДНК, Панчо кој ги замолил гостите да излезат, но тврдеше дека не знае ништо за прскалките.
„Не видов кој и кога ја постави пиротехниката. Јас не знам ни како изгледа. Точно е дека и претходно во дискотеката се користеше пиротехника, но никогаш со јачина како што беше таа вечер. Забележав силна светлина. Никогаш такво нешто не сум видела претходно“, изјави Анастасија Соколова, сведок.
Сведочеше и сопственик на бар од Гевгелија во чиј локал еднаш гостувале ДНК. Рече дека настапот го договориле телефонски и не знаел дека ќе се користат прскалки.
Процесот продолжува со сослушување на останатите сведоци на првообвинетиот.
Анита Димитријевска - Велковска
