Средба Гаши – Јандроковиќ, во фокус европската интеграција и парламентарната соработка
Продлабочување на билатералните односи, парламентарната соработка и поддршката на европскиот пат на Северна Македонија беа во фокусот на средбата на претседателот на Собранието, Африм Гаши, со претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ. Хрватска ја потврди подготвеноста за продолжување на поддршката за реформските процеси и евроинтеграцијата на земјава.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши, престојува во официјална посета на Хрватска, на покана на претседателот на Хрватскиот сабор, Гордан Јандроковиќ. Во состав на делегацијата се и пратениците Благица Ласовска, Димитар Ковачевски, Каљтрина Беќири и Сали Мурати.
На средбата со Јандроковиќ беше оценето дека двете држави имаат одлични билатерални односи, засновани на пријателство, доверба и меѓусебна почит. Гаши изрази благодарност за континуираната хрватска поддршка за стратешката цел на Северна Македонија – членство во Европската Унија.
Соговорниците ја истакнаа важноста на парламентарната соработка и потребата од нејзино интензивирање, како преку групите за соработка, така и преку поблиско партнерство меѓу службите на двата парламента. Акцент беше ставен на размената на искуства и експертиза во процесот на пристапување кон Европската Унија.
На средбата беше посочена и досегашната поддршка на Хрватска во спроведувањето на реформите, преку 17 реализирани твининг-проекти и уште четири што се во тек. Беше потврдена подготвеноста оваа поддршка да продолжи и во наредниот период.
Гаши информираше и за постапката за ратификација на Договорот за стратешка соработка меѓу владите на Северна Македонија и Хрватска, потпишан на 26 мај годинава во Охрид. Договорот ја поминал Комисијата за надворешна политика на 10 ноември, а е ставен на дневен ред на пленарната седница на 1 декември, кога се очекува да биде донесен.
Во рамки на официјалната посета, Гаши положи венец цвеќе на Споменикот на татковината, меморијален комплекс посветен на независноста на Хрватска и на луѓето кои придонеле за создавањето на самостојната хрватска држава.
