Студентскиот оброк останува 140 денари, се чека нов модел
Субвенцијата за студентски оброк засега останува 140 денари дневно, иако пресметките покажуваат дека со усогласување со инфлацијата би изнесувала околу 156 денари. Во меѓувреме, се подготвува нов модел со 20 отсто попуст преку мобилна апликација, но конечниот збор ќе го имаат студентите.

Додека цените постојано растат, прашањето за усогласување на субвенцијата со инфлацијата сè уште нема разрешница. Пресметките на Министерството за образование покажуваат износ од околу 156 денари, но поради различните толкувања на законот и поднесените тужби, ќе се чека одлуката на Управниот суд.
Во меѓувреме, се подготвува новиот модел за студентскиот оброк, но конечниот збор е кај студентите. По средбата со нивниот претставник, министерката Јаневска чека тие да се консултираат и да достават конкретен став, а дотогаш студентите остануваат на досегашните 140 денари дневно.
Студентите ќе добијат мобилна апликација преку која ќе остваруваат попуст од 20 отсто при купување храна кај регистрираните економски оператори, и тоа не само за субвенционираниот оброк, туку и за дополнителните производи што ќе ги купуваат со сопствени средства – велат од Министерството за образование.
Министерката за образование, Весна Јаневска, најави дека средбите со студентите ќе продолжат сè додека тие не бидат задоволни од решението за студентскиот оброк.
Ана Јосифоска
