Собрание
Опозицијата бара седница по случаите на фемицид
24.11.2026 17:03
Според нив, во Македонија жените повеќе не страдаат само од раката на насилниците, туку и од институционалниот молк и неказнивост...

СДСМ поднесе иницијатива за итна собраниска седница за заштита на жените и одговорност од институциите. Според нив, во Македонија жените повеќе не страдаат само од раката на насилниците, туку и од институционалниот молк и неказнивост.
„Бараме итна седница на Собранието, на која без одложување и без политички калкулации ќе се расправа за насилството врз жените и семејното насилство, ќе бараме одговорност од секој кој направил пропуст во постапувањето и да испорачаме конкретни мерки, превенција и заштита“, изјави Јована Тренчевска – пратеничка на СДСМ.
ВМРО-ДПМНЕ најави поддршка на иницијативата. Пратеникот Бојан Стојаноски оцени дека податоците за зголемување на пријавите и кривичните пријави се резултат на поголемата доверба на граѓаните во институциите. Вели дека има уште многу да се работи за да се надминат овие девијантни појави.
„Ние ќе ја поддржиме таа иницијатива за одржување на седницата и ќе разговараме. Секако, ќе го поставиме и прашањето до Јавното обвинителство зошто нема поднесено обвинителни акти, а добро е да се одговори и од страна на судот зошто обвинителните акти што се поднесени сè уште немаат судска разрешница“, изјави Бојан Стојаноски – пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Стојаноски оцени дека претставниците на СДСМ, кои денеска побараа итна седница, во изминатите години биле одговорни за креирање на системот, но, според него, не направиле ништо.
Наташа Гркова Петрушевска
