1,5 милијарда евра за градежни тендери за пет години, направени 2.500 измени на договорите
Според истражувањето, ваквата практика ја доведува во прашање смислата на првично спроведените тендерски постапки и го зголемува ризикот од договарање, корупција и злоупотреби. Дополнителен проблем е надзорот, кој, како што се наведува, сè почесто се сведува на формално потврдување на состојбата на терен, наместо навремено откривање и спречување на отстапувањата.

Јавните набавки на градежни работи во периодот од 2021 до 2025 година достигнале вредност од 1,5 милијарда евра, а во истиот период биле склучени 9.335 договори и направени 2.500 измени. Значителен дел од договорите се реализираат под услови различни од првично договорените, со продолжување на роковите, зголемување на вредноста и промени во обемот на работите. Ова го покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Според истражувањето, ваквата практика ја доведува во прашање смислата на првично спроведените тендерски постапки и го зголемува ризикот од договарање, корупција и злоупотреби. Дополнителен проблем е надзорот, кој, како што се наведува, сè почесто се сведува на формално потврдување на состојбата на терен, наместо навремено откривање и спречување на отстапувањата.
Истражувањето покажува и намалување на конкуренцијата. Додека во 2021 година на еден тендер во просек имало пет понуди, во 2025 година нивниот број се намалил на три. Во исто време, вредноста на договорите доделени на тендери без конкуренција пораснала за три и пол пати – од 38 милиони евра во 2021 година на 141 милион евра во 2025 година.
Десет градежни компании во изминатите пет години добиле тендери во вредност од околу половина милијарда евра, што претставува речиси третина од вкупната вредност на договорите. Меѓу нив се „Стентон Градба“, „Жикол“, „Илинден“, „Гранит“, „Бауер БГ“, „Ју-Бај 2“, „Битем“, „НБ-Компани“, „Ленди Груп“ и „Зобек Мининг“.
Загрижувачка е и концентрацијата на надзорот над градежните работи. Само десет компании опфаќаат 91 процент од вкупната вредност на договорите за надзор, а две компании повеќе од 61 процент. Според Центарот, ваквата концентрација го зголемува ризикот од зависност, судир на интереси и недоволно независна контрола.
Истражувањето укажува и на недостиг од навремени и целосни информации за статусот на дел од проектите, ретко користење банкарски гаранции и договорни казни, како и појава на недостатоци кај градежните работи набрзо по завршувањето на договорите.
Дополнително, во изборните години се забележува значително повисока вредност на тендерите за градежни работи, особено во годините со локални избори, што, според истражувањето, отвора ризик од користење на јавните ресурси за изборни цели.
