МФ: Вонреден надзор над работењето на финансиските друштва
Министерството за финансии спроведе вонреден надзор над работењето на финансиските друштва и изрече привремена забрана за одобрување кредити во времетраење од 30 дена...

Министерството за финансии спроведе вонреден надзор над работењето на финансиските друштва и изрече привремена забрана за одобрување кредити во времетраење од 30 дена, како и глоба согласно законските прописи на две финансиски друштва.
Вонредниот надзор беше спроведен во последните три месеци, постапувајќи по пријави од граѓани, при што беа преземени соодветни мерки согласно законските прописи.
Надзорот над финансиските друштва се спроведува согласно Законот за финансиските друштва и подзаконските акти, преку континуирано вонтеренско следење и непосредни контроли. Активностите на финансиските друштва се следат континуирано, при што особено внимание се посветува на претставките, пријавите и информациите доставени од граѓаните, како значаен извор на сознанија за работењето на овие субјекти и за евентуалните ризици за корисниците на финансиски услуги. Притоа, секоја претставка или пријава доставена до Министерството за финансии се разгледува во рамките на неговите законски надлежности и, во зависност од содржината и наводите, се преземаат соодветни активности.
Министерството за финансии ги охрабрува сите граѓани кои сметаат дека се оштетени или имаат сознанија за неправилности во работењето на финансиските друштва да поднесат пријава до Министерството за финансии. Пријавите може да се достават преку архивата на Министерството за финансии, по пошта на адреса: ул. „Даме Груев“ бр. 12, Скопје, или на електронската адреса: [email protected].
Имено, Министерството за финансии спроведува континуиран надзор над работењето на финансиските друштва. Притоа, од јули 2024 година има изречено мерка за одземање на четири дозволи за работа на финансиски друштва, привремено затворање на три финансиски друштва, глоби на 18 финансиски друштва во вкупен износ од 3.040.323 денари или околу 49.400 евра, како и 58 писмени наредби со рокови за отстранување на утврдените неправилности.
Министерството за финансии ќе продолжи со континуиран надзор и засилено следење на работењето на финансиските друштва, како и со преземање соодветни мерки во рамките на своите законски надлежности, со цел унапредување на законитоста и транспарентноста во работењето и зајакнување на заштитата на граѓаните како корисници на финансиски услуги.
