Народна банка

Митреска: Вештачката интелигенција може да ја зголеми продуктивноста и конкурентноста на компаниите во регионот

25.11.2026 14:46

Примената на вештачката интелигенција отвора можности за надминување на структурните ограничувања и забрзување на економскиот раст во земјите од Западен Балкан. Сепак, недостигот од квалификуван кадар, ниското ниво на дигитализација и ограничените инвестиции во истражување и развој го забавуваат искористувањето на нејзиниот потенцијал. Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на конференција во Виена.

Вештачката интелигенција може да придонесе за зголемување на продуктивноста и конкурентноста на компаниите во земјите од Западен Балкан, но за целосно искористување на нејзиниот потенцијал потребни се поголеми инвестиции во дигитализацијата, инфраструктурата и развојот на вештините на работниците.

Ова го истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, на Конференцијата за европска економска интеграција во Виена, каде што учествуваше на панел-дискусија посветена на влијанието на вештачката интелигенција и технолошките иновации врз растот на продуктивноста во Централна, Источна и Југоисточна Европа.

Митреска посочи дека регионот се соочува со структурни ограничувања, меѓу кои забавен раст на продуктивноста и недостиг од работна сила. Дополнителен предизвик е ниското ниво на инвестиции во истражување и развој, кои во земјите од Западен Балкан изнесуваат само 22 процента од просекот на Европската Унија.

Според неа, засега нема позначајни докази за масовно губење работни места како последица од примената на вештачката интелигенција во регионот, каде што помалку од 10 проценти од компаниите активно ја користат.

Како области со значителен потенцијал за примена на новите технологии ги посочи индустријата, логистиката и финансискиот сектор.

„Најголемата можност за регионот не е во развојот на најнапредните технологии, туку во нивното брзо и ефикасно усвојување. Преку примената на постојните решенија за вештачка интелигенција, компаниите можат да ја зголемат продуктивноста и конкурентноста и полесно да одговорат на недостигот од работна сила“, истакна Митреска.

Таа нагласи дека приоритет треба да биде поддршката за малите и средните претпријатија, развојот на дигиталните вештини и инвестициите во инфраструктурата, со цел придобивките од вештачката интелигенција да придонесат за повисока продуктивност и побрзо економско приближување кон Европската Унија.