ЕУ со поддршка за Украина

25.11.2026 13:11

Европската Унија најавува 45 милијарди евра помош за Украина во 2027 година и повикува на зимско примирје, со вклучување на Европа во мировните преговори...

ЕУ ќе продолжи со максимална финансиска и воена поддршка за Киев, истовремено засилувајќи го притисокот врз Москва за траен мир, порача Урсула фон дер Лајен во Европскиот парламент. Таа најави 45 милијарди евра помош за Украина во 2027 година, со што ЕУ ќе покрие две третини од финансискиот недостиг од 70 милијарди, а остатокот ќе го обезбедат меѓународните партнери. Побара Европа да биде вклучена во мировните преговори и повика на зимско примирје што ќе ја опфати енергетската инфраструктура, како и на безбеден извоз на храна преку Црно Море. Напредокот, нагласи, ќе се оценува според постапките, а не според зборовите на Москва.

„Европа сака мир кој може да трае, кој го штити суверенитетот на Украина и обезбедува гаранции за нејзината долгорочна безбедност“, изјави Урсула фон дер Лајен – претседателка на Европската комисија.

Од Москва, пак, нема конкретни информации за можни европски контакти, ниту датум за продолжување на новата рунда мировни преговори. Портпаролот на Кремљ вели дека последната порака од Брисел била дека европските земји не сакаат билатерални разговори со Русија.

„Единствено што слушнавме од Брисел е дека Европејците одлучиле да не воспоставуваат билатерални контакти“, изјави Дмитриј Песков – портпарол на Кремљ.

На терен, руските напади врз украинската инфраструктура продолжуваат. Путин најави неизбежна одмазда за украинските удари врз руските нафтени рафинерии. Тој предупредува дека ограничувањата на ЕУ врз руските енергенси ќе им создадат проблеми на самите Европејци.

„Одговорот на Русија на украинските напади врз нашите нафтени рафинерии е неизбежен. Киев не го почитува барањето на Трамп да ги запре нападите. Ограничувањата на ЕУ врз извозот на руска нафта и гас ќе им создадат сериозни проблеми, пред сè на самите Европејци“, изјави Владимир Путин – претседател на Русија.

Во меѓувреме, Зеленски ја поздрави поддршката од Унгарија, со која договори испорака на дизел и енергетска соработка. Киев, сепак, нема американски дозволи за производство на ракети ПАК-2 и ПАК-3, ниту потпис за испорака на 48 ракети за системите „Патриот“.

„Немаме дозволи, и покрај уверувањата од Белата куќа и претседателот Трамп. Постои договор за 48 ракети „Патриот“, но американскиот секретар за одбрана Хегсет не ги потпишал“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.

Германскиот канцелар Мерц, пак, ги отфрли критиките дека Берлин троши премногу за Украина и предупреди дека руските амбиции ја надминуваат украинската територија.

„Русија знае точно што сака, а сака повеќе од Украина. Русија ги засилува тензиите во Балтичкиот регион, во Полска, во Црно Море, во вселената, но и во самата Германија. Како Европејци, мора да ѝ ги покажеме границите на Русија“, изјави Фридрих Мерц – канцелар на Германија.

Паралелно, ЕУ преговара за долгорочна поддршка од 100 милијарди евра за Киев во следниот буџетски период, но членките остануваат поделени околу каматите на постојните заеми, проценети на дополнителни 55,4 милијарди евра. Договор се очекува до крајот на 2026 година.

Бојана Крстевски