Јанев: Безбедноста на жените мора да биде гарантирана и во реалниот и во дигиталниот свет
Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, присуствуваше на настанот организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, кој воедно го означува и почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам“. Во фокусот дигиталното насилство врз жените и девојчињата, како сè поизразен облик на насилство со сериозни последици.

Денеска директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, присуствуваше на настанот организиран од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, по повод Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, кој воедно го означува и почетокот на глобалната кампања „16 дена активизам“.
Во фокусот на настанот беше дигиталното насилство врз жените и девојчињата, како сè поизразен облик на насилство со сериозни последици врз нивната безбедност, приватност и достоинство.
Во своето обраќање, директорот Јанев истакна дека безбедноста на жените и девојчињата не смее да зависи од тоа дали насилството се случува зад затворени врати или зад екран, нагласувајќи дека справувањето со родово базираното и семејното насилство е стратешки приоритет за Бирото за јавна безбедност.
Притоа, посочи дека институционалниот одговор мора да се темели на ефикасно и професионално полициско постапување, навремена проценка на ризикот и заштита на жртвите, зајакната меѓуинституционална соработка, како и континуирана превенција и унапредување на капацитетите за справување со дигиталното насилство, вклучително и обезбедување електронски докази.
Јанев нагласи дека жртвите не смеат сами да ја носат тежината на борбата против насилството, дека пријавувањето е чин на храброст и дека одговорноста секогаш е кај сторителот. Секој што ќе побара помош мора да биде сослушан, заштитен и да добие професионален институционален одговор.
Посебно ја истакна важноста на соработката со младите, нивното активно вклучување во превентивните активности и создавањето општество засновано на доверба, почитување и заедничка одговорност.
„Посветеноста на институциите не се мери според зборовите што ги кажуваме денес, туку според сигурноста, довербата и промените што ги обезбедуваме секој ден“, порача Јанев.
