Сиљановска-Давкова сведочеше за Алта банка, опозицијата со критики во Собранието
Крајно невообичаено е во текот на надзорна расправа да се покренува интерпелација – претседателката Сиљановска-Давкова сведочеше пред пратениците. Опозицијата ѝ порача да не дели лекции, а таа одговори дека парламентот е институција во која се слушаат различни гласови. Според мнозинството, клучно е разграничувањето на институционалните надлежности во случајот „Алта банка“, кој многумина го споредуваат со пропаѓањето на „Еуростандард банка“. Денеска во Собранието сведочеше и Трифун Костовски.

Во жешка атмосфера продолжи надзорната расправа за Алта банка. Во својство на сведок, прва одговараше претседателката Сиљановска-Давкова. Одлуката Трајко Славески да биде избран за гувернер ја донела самостојно, врз основа на неговите професионални и академски квалификации, и појасни дека правото да предложи гувернер не подразбира и право на контролирање на неговата работа.
„Немам надлежност ниту за издавање, ниту за одземање дозволи, ниту за давање и повлекување согласности, ниту за банкарски супервизии, ниту за супервизорски мерки, ниту за воведување администрација во банка. Сите овие прашања се во надлежност на органите на Народната банка“, изјави претседателката Сиљановска-Давкова.
Опозицијата со реакции и обвинувања, владејачкото мнозинство со прашања.
Во својство на сведок на надзорната расправа беше и Трифун Костовски, мнозинскиот акционер на Евростандард банка. Опозицијата бараше одговор во која улога е повикан, какви сознанија има за сопственикот на Алта банка, Мацура, и за неговите бизниси.
На вториот ден од надзорната расправа за случајот „Алта банка Битола“ не се појавија дел од сведоците – поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска и ексградоначалничката Данела Арсовска.
Марина Стојанова-Тонева
