Македонија

Македонија има стратешка позиција и претставува важна алка во поврзувањето на Азија и Европа, порача кинеската амбасадорка

25.11.2026 19:12

Македонија да ја искористи стратешката позиција во поврзување со Европа и Азија и да ја забрза изградбата на транспортните коридори, порака од Пекинг на Мегунардониот собир за поврзаност во Скопје. Подготвеност за продлабочување на соработаката со европските земји и партнерството со ЕУ...

Македонија има стратешка позиција и претставува важна алка во поврзувањето на Азија и Европа. Земјата треба да го искористи географскиот потенцијал и да ја забрза изградбата на транспортните коридори – порача кинеската амбасадорка Џијанг Сјаојен на Меѓународната конференција за поврзаност.

„За Кина и Европа, подлабоката поврзаност не е прашање на избор, туку неопходност. Подготвени сме да соработуваме со европските земји, вклучително и со Македонија, за подобро усогласување на нашите развојни стратегии и за заедничка изградба на отворена, разновидна, зелена и интелигентна мрежа на поврзаност меѓу Азија и Европа“, изјави Џијанг Сјаојен, амбасадорка на НР Кина.
 
Кина нема амбиција да ги замени САД и да стане нов светски хегемон, туку се залага за систем во кој соработката ќе биде во интерес на сите. Таа може да биде конкурент на ЕУ, но и партнер – беа дел од оценките на собирот.
 
„Ние веруваме во потребата од добри релации меѓу ЕУ и Кина. Кина и ЕУ се компетитори и ривали, но и соработуваат, а сето ова може да се одвива истовремено. Верувам дека односите меѓу Кина и ЕУ допрва ќе се подобруваат“, изјави  Џоу Бо, виш истражувач во Центарот за меѓународна безбедност и стратегија при Универзитетот Цингхуа.
 
Меѓународната конференција за поврзаност во Скопје, организирана од Институтот за глобални анализи „Синергија Орби“, ги обедини кинеските и европските експерти за да разговараат за иднината на економските, инфраструктурните и геополитичките односи меѓу двата континента.
 
Ана Јосифоска