16 дена активизам против родово базирано насилство

Жртвите и натаму чекаат вистинска институционална заштита

25.11.2026 18:21

Осум случаи на насилство и закани за само еден ден, меѓу жртвите и 12-годишно девојче. Граѓанскиот сектор бара итно усвојување на законските измени, построги казни за насилниците и конкретни мерки за заштита на жртвите. На почетокот на кампањата „16 дена активизам“, предупредуваат дека симболичните пораки не се доволни, потребна е одговорност од институциите.

Седум убиства на жени за девет месеци. Осум случаи на насилства и закани за еден ден – меѓу жртвите и 12-годишно девојче. На денот кога почнува кампањата „16 дена активизам за жртвите од родово базирано насилство“, испратено предупредување – жртвите и натаму чекаат вистинска заштита. Предлог-законските измени три месеци никако да дојдат на дневен ред пред пратениците. Се бараат строги казни за насилниците.

„Зголемени полициски овластувања во случај на сериозна и непосредна опасност да може да биде отстранет сторителот од домот. Втората клучна измена се однесува на унапредена заштита на децата, привремено да се ограничи комуникацијата на родителот кој е насилник со децата“, изјави Елена Димушевска – Национална мрежа против насилство врз жените.

Законските измени не се доволни, потребни се и специјализирани сервиси за заштита на жртвите, за кои се бараат 200 милиони денари за 2027 година. Повеќето од убиствата се сторени во домот од страна на сопругот или партнерот, откако жртвата решава да пријави и да го напушти. Најголем дел од фемицидите се извршени од лица кои немаат ментално нарушување.

„Во околу 90 проценти од случаите полицијата била запознаена со насилството, што значи дека има огромни пропусти како се постапувало по пријавите, поплаките. Жртвата во сите судски пресуди, јавнообвинителски одлуки е невидлива, нема информации за нив“, изјави Наташа Петкоска – Платформа за родово насилство.

„Заштитата останува недостижна, особено за жените од руралните средини, Ромките, жените со попреченост и жените кои живеат во сиромаштија“, нагласи Иларија Димукова – ХЕРА.

И додека државата одбележува 16 дена активизам – граѓанскиот сектор бара мораториум на сите настани и конференции. Наместо симболично портокалово осветлени згради, конкретни мерки за жртвите.

Насилството врз жените не се спречува со симболични кампањи и пораки. Потребни се конкретни мерки, навремена институционална заштита и одговорност. Затоа што секое задоцнето постапување може да значи уште една жртва.

 

Андријана Ѓурческа