Уапсен Драган Вучиќевиќ, сопственик и главен уредник на ТВ Информер
Соседна Србија не мирува по изборите на кои студенската листа ја презеде власта. Падна медиумскиот сојузник на Вучиќ. Во Белград е уапсен сопственикот на „Информер“, Драган Вучиќевиќ, кој е обвинет за предизвикување паника, неред и попречување на правдата.

Сопственикот и главен уредник на ТВ „Информер“, Драган Вучиќевиќ, приведен е во полициска станица по наредба на Второто основно јавно обвинителство под сомнение дека подолг временски период вршел кривични дела предизвикување паника и неред и попречување на правдата.
Шефот на пратеничката група „Србија победува“, Александар Вучиќ, на седница на Собранието изјави дека „Вучиќевиќ е уапсен само поради неговата новинарска работа“, додека Миленко Јованов оцени дека Студентскиот пленум наредил Вучиќевиќ да се уапси.
„Пленумот нареди, а овие спроведоа, затоа ова го знаат однапред тие што соработуваат со пленумот, за разлика од останатите, и затоа имаше аплауз во Собранието, бидејќи одлуката на пленумот е спроведена, а студентите гледаат кој ќе аплаудира“, изјави Миленко Јованов, заменик на шефот на пратеничката група „Србија победува“.
Пратениците на „Студентската листа“ ја поздравија веста дека сопственикот на „Информер“ е уапсен.
„Го доживуваме ова како блага вест и навистина, утрово, кога дознавме, не го знаевме тоа претходно. Реков: ’О, погледнете го, човекот со десетина лоши прекари конечно има една блага вест.’ Значи, ова е само почеток. Целата телевизија и нејзиниот сопственик заслужуваат да одговараат по неколку основи, но тоа ќе им го препуштам на истражните органи“, изјави Јово Бакиќ, шеф на пратеничката група „Студентска листа“.
Пратениците на СНС и Вучиќ ја напуштија седницата за да протестираат пред полициската станица против апсењето на Вучиќевиќ. Покрај дел од пратениците, пред полициската станица се и членови на семејството на Вучиќевиќ и некои вработени во „Информер“.
Од Второто основно јавно обвинителство соопштија дека на Вучиќевиќ му е одредено задржување до 48 часа и заедно со кривична пријава утре ќе биде изведен на распит пред јавниот обвинител.
Покрај ова, регулаторното тело за електронски медиуми продолжи да разгледува жалби против информирањето на „Информер“, кои Обвинителството ги препознало како вознемирувачки за јавноста и предизвикување паника.
Оливер Бранковиќ, дописник од Белград за МРТ
