Здравство

Случајот со непотребните операции сè уште без разрешница

25.11.2026 19:11

Здравствените власти сè уште немаат поведено постапка за случајот со наводно непотребните операции на срце во приватните клиники. Министерот за здравство, Сашо Клековски, го чека безбедносниот сертификат за да добие увид во извештаите на домашната и меѓународната експертска комисија, по што документацијата треба да биде доставена до Обвинителството.

Една година слушавме дека во приватните клиники во државата неосновано се правеле кардиохируршки интервенции со цел да се земат пари од Фондот за здравствено осигурување. Странските експерти пресекоа – направени се неосновани кардиохируршки интервенции, но досието со документацијата сè уште не е доставено до Обвинителството.

Такви информации има министерот за здравство Клековски. Вети разрешница на случајот, но го чека безбедносниот сертификат.

„Ги завршив интервјуата со АНБ за мојот сертификат. Се надевам дека многу брзо ќе можам да пристапам до досието и да ве информирам. Јас мислам дека сум најконзеквентен во барањето да има разрешница на сите случаи. Овие две години има кривични постапки и пресуди, ние по подолго време... Заштитата на пациентите и квалитетот на услугите се секундарни за здравствените власти“, изјави Сашо Клековски – министер за здравство.

Јавноста ќе почека на одговорот дали и кој се богател на маката на пациентите. Претходниот министер за здравство, Азир Алиу, иако вети, собраните документи не ги доставил до Обвинителството. Формирал две комисии: едната составена од домашни лекари, кои разгледувале 20 случаи, од кои кај 13 имале сомнежи за непотребно извршени операции или непотребно упатување на операција. Другата комисија била составена од лекари од странство, кои констатирале дека кај девет пациенти не биле оправдани кардиолошките и кардиохируршките интервенции.

Пандорината кутија ја отвори кардиохирургот Сашко Кедев, по изјавата дека се прават интервенции без медицинско оправдување.

 

Наташа Јанчиќ - Менковски