Интеграции

Самит ЕУ – Западен Балкан во Брисел

25.11.2026 18:51

Во Брисел се одржува Самитот ЕУ – Западен Балкан. На иста маса седнаа лидерите на Унијата и на земјите од регионот. Разговорите се фокусирани на интеграцијата, реформите и Планот за раст. Македонија ќе добие повеќе пари. Унијата порачува дека пристапувањето на Западен Балкан во блокот е геополитичка инвестиција во предизвикувачки времиња. Мицкоски бара разговори со Бугарија за Акцискиот план за малцинства.

Прво да разговараме за Акцискиот план за малцинства пред уставните промени. И ако се случат уставни промени утре, што нема да се случи, втора пречка останува Акцискиот план за малцинства, посочува премиерот Мицкоски од Самитот ЕУ – Западен Балкан во Брисел.

ЕУ порача дека кандидатките треба да ги забрзаат реформите. Најдобрите – Албанија, Црна Гора и Македонија – ги награди со дополнителни средства од Планот за раст, кои се преземаат од кандидатките што не ги исполниле реформите. Албанија и Црна Гора добија по 15 проценти, а Македонија 10 проценти, односно на располагање за реформи ќе има 825 милиони евра. Освен Македонија, со билатерален проблем, овојпат со Хрватска, е соочена и Црна Гора. И ако ги затвори сите поглавја до крајот на годинава, сепак може да не го започне процесот на интеграција, па затоа предлага и меѓународна арбитража.

„Дајте Црна Гора да го има истото право што го имаше и Хрватска кога влегуваше во ЕУ во своите односи со Словенија. Ако имаме различни гледишта, да го изнесеме тоа прашање пред меѓународен суд“, изјави Јаков Милатовиќ – претседател на Црна Гора.

Брисел бара зајакнување на владеењето на правото, борбата против корупцијата, добрососедските односи, соработката во одбраната, кибербезбедноста и справувањето со странските влијанија.

Во бриселската декларација по самитот стои дека величењето на воените злосторници е спротивно на основните вредности на ЕУ. Ова е порака до Србија поради Ратко Младиќ, иако српски претставник немаше на самитот.

Ирина Гелевска