Меѓу еуфоријата и утрото: MY TEAR со новиот сингл „Нема Ѕвезда“
Скопскиот алтернативен рок бенд MY TEAR го претставува „Нема Ѕвезда“, својот втор сингл за 2026 година, со кој продолжува да го открива звукот на претстојниот трет студиски албум, најавен за 2027 година.

По објавувањето на „Сонцето грее само над облаците“, синглот со кој ја претставија својата нова постава, MY TEAR се враќаат со уште едно музичко издание што ја продлабочува нивната авторска приказна.
„Нема Ѕвезда“ ја истражува илузијата на блискост што ја создаваат ноќите поминати на афтери до раните утрински часови. Во краткотрајната еуфорија, поврзаноста изгледа искрена, а чувството на припадност доаѓа природно. Но, што останува кога ќе изгрее сонцето и ќе исчезне магијата на ноќта?
Токму во просторот меѓу ноќната еуфорија и утринската реалност, MY TEAR ја претвораат минливата интимност во размислување за осаменоста, човечките односи и потребата да припаѓаме некаде.
Покрај новите студиски изданија, 2026 година за бендот е исполнета и со концертни активности надвор од Македонија. MY TEAR настапија во Drugstore во Белград и Crna kuća (CK13) во Нови Сад, како и специјални гости на четвртото издание на Chaika Fest, одржано во паркот Аспарухово во Варна, Бугарија.
Со секој нов сингл и концертен настап, бендот постепено го открива музичкиот правец на својот претстоен албум, оставајќи простор за исчекување и нови откритија.
MY TEAR го сочинуваат Дени Крстев, Антони Анев, Ненад Трифуновски и Стефан Дојчиновски. Произлезен од бендот Фонија, скопскиот состав низ годините изгради препознатлив музички израз во кој се испреплетуваат алтернативниот рок, инди рокот, њу вејвот и постпанкот.
Зад себе имаат два студиски албума, „My Tear“ (2019) и „Кога не се сакаме“ (2024), како и повеќе синглови што забележаа значаен радиофонски успех. Во 2018 година, нивната песна „Остави ме да бидам“ беше прогласена за сингл на годината од култното радио Канал 103.
Со „Нема Ѕвезда“, MY TEAR отвораат уште едно поглавје од својата музичка приказна, потсетувајќи нè дека понекогаш најискрените прашања се појавуваат токму тогаш кога еуфоријата ќе стивне.
