Уставен суд

Нови избори во Уставниот суд – Собранието денеска предлага наследник на Наумовски

26.11.2026 10:17

Уставниот суд влегува во период на кадровски промени. Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да утврди предлог за нов судија по оставката на Гоце Наумовски. Во јануари истекуваат мандатите на претседателот на Судот, Дарко Костадиновски, и на судијата Осман Кадриу, а предлозите за нивните наследници треба да дојдат од претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата денеска треба да утврди предлог за избор на нов судија на Уставниот суд, по оставката на професорот Гоце Наумовски.

На почетокот на декември, како што најавуваат од Уставниот суд, треба да се избира и нов претседател, бидејќи во јануари му истекува деветгодишниот мандат на актуелниот претседател на Судот, Дарко Костадиновски. Истовремено, во јануари истекува и мандатот на уставниот судија Осман Кадриу.

Денешниот предлог за нов уставен судија доаѓа од Собранието, додека предлозите за двете места што ќе се испразнат во јануари треба да дојдат од Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова.

Уставниот суд, според Уставот, има девет судии. Во актуелниот состав се Дарко Костадиновски, кој за претседател на Судот беше избран во јуни 2024 година, и судиите Насер Ајдари, Осман Кадриу, Добрила Кацарска, Фатмир Скендер, Татјана Васиќ-Бозаџиева, Ана Павловска-Данева и Мери Дика Георгиевска.

Судиите ги избира Собранието со мандат од девет години, без право на повторен избор. Претседателот на Судот се избира од редот на судиите за период од три години, исто така без право на повторен избор.

Двајца судии предлага претседателот на Републиката, двајца предлага Судскиот совет од редот на судиите, а останатите се избираат на предлог на Собранието, при што за тројца судии е потребно и Бадентерово мнозинство. Уставните судии се избираат од редот на истакнати правници, а функцијата е неспојлива со друга јавна функција, професија или членство во политичка партија.