АМСМ

Измени на сообраќајниот режим на неколку патни делници

26.11.2026 09:45

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но на одделни делници се воведуваат привремени измени на режимот поради градежни и санациони работи. Измени има на патните правци Градско – Дреново, Велес – Неготино и Штип – Радовиш. АМСМ предупредува и на можни одрони, а возачите потсетува дека е задолжително поседувањето зимска опрема.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, со наместа влажни коловози на повисоките места во западните делови од државата. Во останатите делови коловозите се претежно суви.

Од СТРАБАГ АГ – Подружница Скопје известуваат дека од 25 ноември до 31 декември 2026 година на експресниот пат А1, на делницата Градско – клучка Дреново, ќе има привремена измена на режимот на сообраќајот, со соодветно пренасочување и регулирање, поради санација на асфалтните површини.

Измена на режимот на сообраќајот во истиот период ќе има и на автопатот А1, на делницата Велес – Неготино, во зоната на клучката Градско, поради санациони работи на асфалтните површини.

Од 24 ноември 2026 година на експресниот пат Штип – Радовиш, во близина на клучката Бучим, ќе се изведуваат градежни работи за замена на оштетената еластомерна дилатација на мостот на км 26+913. Поради тоа, ќе бидат поставени семафори, а сообраќајот ќе се одвива наизменично.

Интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања при влез и излез од државата.

АМСМ препорачува приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои можност од појава на одрони. Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 15 ноември 2026 година започна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Обврската ќе трае до 15 март 2027 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.

Од 17 ноември патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк „Галичица“, е затворен за сообраќај за сите видови возила.