Собрание

Детските права во дигиталниот свет во фокусот на Собранието

26.11.2026 11:01

Детските права и безбедноста на интернет се во фокусот на едукативен настан што денеска ќе се одржи во Собранието. Под мотото „Моите права, мојата иднина – детските права во дигиталниот свет“, ученици од три основни училишта ќе учествуваат во симулација на седница на Детскиот парламент и ќе дискутираат за своите права, предизвиците и одговорностите во дигиталниот простор.

Парламентарниот институт во Собранието организира едукативен настан под мотото „Моите права, мојата иднина – детските права во дигиталниот свет“.

На настанот ќе се обратат Драгана Бојковска, претседателка на Клубот за младински прашања и политики, директорите на три основни училишта од Општина Илинден – „Ристо Крле“, „Гоце Делчев“ и „Браќа Миладиновци“, како и претставник на УНИЦЕФ во Северна Македонија.

Во рамките на програмата е предвидена и симулација на седница на Детскиот парламент, преку која учениците ќе имаат можност активно да учествуваат во дискусија за своите права.

Целта на настанот е да се зголеми свеста кај децата за нивните права, да се отворат прашања за предизвиците и можностите во дигиталното опкружување и да се нагласи потребата од безбедно, одговорно и активно учество на децата во дигиталниот свет.