Култура

Со концерт на младата виолинистка Хатиџе Салиева завршуваат „Есенските музички свечености“

26.11.2026 14:17

На програмата се дела од Антонио Вивалди, меѓу кои „Четири годишни времиња“, како и музика од филмот „Шиндлеровата листа“ на Џон Вилијамс. Пијано-придружбата е на Ива Виденовиќ, а ментор на младата виолинистка е Аспарух Коневски.

Со солистички концерт на младата виолинистка Хатиџе Салиева, вечерва во Скопје ќе биде затворено 27. издание на „Есенските музички свечености“ 2026. Концертот ќе се одржи во Салонот 19'19 при Културно-информативниот центар, со почеток во 18 часот.

На програмата се дела од Антонио Вивалди, меѓу кои „Четири годишни времиња“, како и музика од филмот „Шиндлеровата листа“ на Џон Вилијамс. Пијано-придружбата е на Ива Виденовиќ, а ментор на младата виолинистка е Аспарух Коневски.

Хатиџе Салиева е ученичка во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. И покрај младата возраст, таа веќе има освоено значајни признанија, меѓу кои прва награда на Државниот натпревар по виолина во 2026 година и специјална награда на Меѓународниот натпревар по виолина во Кавадарци.

Настанот е организиран од Дирекцијата за култура и уметност на Скопје, во соработка со Турскиот културен центар „Јунус Емре“ во Скопје.