ФФМ и Седлоски спогодбено го раскинаа договорот
Во соопштението, ФФМ посочува дека, и покрај искуството, посветеноста и добрите намери, резултатите и околностите не се поклопиле со очекувањата.

Фудбалската федерација на Македонија ја потврди разделбата со селекторот Гоце Седлоски. Од ФФМ велат дека одлуката е во интерес и на репрезентацијата и на Седлоски, нагласувајќи дека резултатите не го намалуваат неговиот придонес во македонскиот фудбал.
Во соопштението, ФФМ посочува дека, и покрај искуството, посветеноста и добрите намери, резултатите и околностите не се поклопиле со очекувањата.
Од Федерацијата потсетуваат дека Седлоски е еден од најтрофејните македонски тренери, поранешен легендарен капитен и личност која оставила значаен белег во историјата и развојот на македонскиот фудбал.
„ФФМ му се заблагодарува на Гоце Седлоски за досегашната работа, посветеноста и професионалниот однос. Веруваме дека неговото искуство, знаење и љубов кон македонскиот фудбал и во иднина ќе бидат ставени во служба на нашиот фудбал, клупски или репрезентативен“, се наведува во соопштението.
Од ФФМ порачуваат дека резултатите се дел од фудбалот, но почитта кон луѓето кои оставиле трага треба да остане и по последниот натпревар.
